Неколку предлози за новогодишно украсување на вашата спална соба

Новогодишното украсување на елката е еден од омилените ритуали кај секој од нас за време на Божиќните празници.

Објавено на 19 Декември, 2019 во iDream магазин

Самиот ритуал,освен што ни го разубавува просторот и ни овозможува пријатна атмосфера во домот, не потсетува и дека доаѓа најубавиот период од годината поминат со нашите најдраги. Меѓутоа,за празничната атмосфера во домот да биде уште поголема, ви препорачуваме да направите празнично украсување и во вашата спална соба. Збогатувањето на просторот со мали новогодишни декорации и тоа како ќе го разубави вашето омилено катче за одмор.

Во продолжение погледнете неколку предлози од нас за како да си направите магична Божиќна атмосфера во вашата спална соба:

1. Украсете го надглавникот од вашиот кревет

Украсувањето на вашиот надглавник е првиот предлог. Поставувањето на свеж зелен венец е идеален избор. Освен што ќе ја разубави вашата спална, неговиот мирис ќе ви даде чувство на смиреност за полесно заспивање. Само внимавајте да го поставите правилно, за да не се случи да се разбудите со борови иглички на лицето .

2.Празничен збор кој го назначува периодот

Друг суптилен начин за украсување е со празнична типографија. Наместо вообичаеното ,,Среќен Божиќ‘‘, подобро ќе биде да се одлучите за друг збор што суптилно го означува празничниот период. Истиот можете да го поставите да виси над вашата спална.

Што се однесува за шемата на боите, зелената и белата се идеален избор.

3.Украсете ги масичките поставени до вашиот кревет

Да, трет предлог за да почувствувате празнична атмосфера во вашата спална соба е да ги украсите масичките поставени до креветот. Украсувањето може да биде со додавање на некој новогодишен украс кој ќе стои на масичката, или пак едноставно врзете машнички на самите фиоки.

4. Изберете соодветна постелнина

Точно, изборот на постелнина е уште една компонента која може да го разубави вашиот простор за спиење. Создадете раскошен амбиент со постелнина во боите кои потсетуваат на претстојниот празничен период. Дали ќе станува збор за еднобојна или едноставно шарена празнична постелнина оставаме да изберете самите вие.

5. Внесете додатоци кои го навестуваат празничниот период

Поставувањето на соодветно цвеќе во одреден агол од собата е додаток кој ќе го разубави и разнежни просторот.Истото може да биде поставено и на масичката која стои близу вашиот кревет.

Како плус додаток секако не би го изоставиле и декоративниот поклон. Поставувањето на поклон близу креветот е идеално место.Станувањето наутро  со поклон до вас може да биде доста полесно и поубаво .