Дали музиката може да го подобри квалитетот на сонот?

Свесни сме дека спиењето е еден од факторите кој е значаен за нашето здравје.

Објавено на 22 Февруари, 2019 во iDream магазин

Спиењето во голема мера може да делува на нашиот живот. Придобивките од здравиот и квалитетен сон се големи. Меѓутоа, колку што здравиот сон може позитивно да се одрази врз нашиот организам, толку и нередовниот и неквалитетен сон може негативно да влијае врз нашето здравје. Анксиозноста, премореноста, намалената концентрација и слично се  дел од последиците  кои се појавуваат при нарушување на сонот.

Секако,една непроспиена ноќ би немала некакво големо влијание, меѓутоа доколку веќе подолг период постои проблемот со заспивање, во тој случај би требало да реагираме, односно да се сконцентрираме на подобрување на сонот. 
Постојат повеќе начини кои можат да ни помогнат околу сонот. Според голем број истражувања, освен медикаментозната терапија, музиката е една од  корисните алатки која може да ни помогне да заспиеме.
Се смета дека музиката во голем процент може да делува на квалитетот на сонот.Односно,таа има директен ефект врз парасимпатичниот нервен систем, кој му помага на вашето тело да се релаксира и да се подготви за спиење. Музиката има моќ да го забави срцевиот ритам и дишењето, да го намали крвниот притисок и дури може да ги активира вашите мускули да се релаксираат.
Изборот на музика е личен избор, меѓутоа за оваа намена сепак се препорачува музика пријатна за слушање во која ќе уживате и ќе му помогне на вашето тело да се опушти. Според истражувањата класичната музика или џезот се идеален предлог. Секако треба да се има во предвид и фактот дека музиката не треба да биде прегласна.

Слушањето релаксирачка музика пред спиење е рутина која ќе ве доближи чекор поблиску до поквалитетен сон. Кога еднаш ќе започнете со оваа рутина, држете се за неа.Придобивките од истата се неизбежни. 

Доколку сеуште немате навика за овој ритуал, за почеток можете да издвојувате 5-10 мин додека вашето тело стекне навика.