Зошто треба да вежбате наутро?

Дали ви се случува да започнете со одредена физичка активност за по неколку дена да се откажете? Дали енергијата и концентрацијата често ве напуштаат во текот на денот, а навечер ве мачи несоница? Најдобро решение: утринско вежбање.

Објавено на 11 Август, 2017 во iDream магазин

Дали ви се случува да започнете со одредена физичка активност за по неколку дена да се откажете? Дали енергијата и концентрацијата често ве напуштаат во текот на денот, а навечер ве мачи несоница? Најдобро решение: утринско вежбање.

Сите знаеме колку е важна физичката активност не само за нашето здравје, туку и за одржувањето на формата на телото, но она што можеби не го знаете е дека најдоброто време за вежбање е утрото. Веројатно веднаш помислувате „Вежбањето е вежбање, независно дали е во 06.00 или во 18.00 часот, а 300 калории се 300 калории без разлика дали се согорени наутро или навечер“. Вистината е дека придобивките од утринското вежбање далеку ги надминуваат согорените калории. Физичката активност наутро ви дава и забрзан метаболизам, подобар сон, ве прави посреќни и поенергични.

Да, не е лесно да се извлечете од креветот, да ја ставите спортската опрема и да започнете да трчате, пешачите или да правите аеробик вежби, но еве неколку причини зошто треба да го наместите алармот малку порано од вообичаено и да одделите време за потење наутро:

Поверојатно е дека вежбањето ќе ви стане навика

Можеби немате лоша намера кога го одложувате вежбањето за по завршувањето на работното време, но во таков случај поверојатно е дека ќе пронајдете добар изговор за воопшто да не започнете да потите.

Тренингот наутро е најдобриот начин за да се осигурите дека другите обврски нема да ви го окупираат времето посветено на зајакнување на телото, особено ако водите динамичен живот. Доколку ја испланирате физичката активност за почетокот на денот, тогаш ништо не може да ви застане на патот. Всушност, најголем дел од луѓето кои редовно вежбаат го преферираат утринското вежбање.

Забрзан метаболизам во текот на денот

Дали често скокате од креветот и колку што е можно побрзо летнувате низ вратата? Во ваквите моменти можеби вие се чувствувате будни, но не може истото да се каже и за вашиот метаболизам.

Утринското вежбање не само што ќе ви помогне моментално да си го забрзате метаболизмот, туку вашето тело ќе продолжи да согорува калории и по вежбањето. Тренингот наутро е одличен начин да го принудите телото да согорува повеќе калории со истиот напор кој би го вложиле и навечер.

Ќе се чувствувате поенергично

Иако треба да се извлечете порано од креветот за да го раздвижите телото, тоа нема да ви ја намали енергијата. Напротив, физичката активност во утринските часови го подобрува расположението и ја зголемува енергијата.

Додека вежбате, вие ги снабдувате мускулите, органите и другите ткива во телото со кислород и хранливи состојки. Тоа ја подобрува работата на кардиоваскуларниот систем и ви дава енергичен почеток на денот.


Поквалитетен сон во текот на ноќта

Навечер тешко заспивате? Избркајте ја несоницата со редовно утринско вежбање, околу 4 пати неделно.

Физичките вежби ја покачуваат температурата на телото и го држат мозокот активен, па лицата кои вежбаат навечер имаат проблеми со спиењето. Неопходни се околу 3-4 часа по завршувањето на физичката активност за телото да се олади доволно за заспивањето да не претставува проблем. За разлика од вечерното вежбање, утринскиот тренинг има позитивен ефект врз деноноќниот ритам на телото, што придонесува за подобар сон.

Подобра контрола врз апетитот и поздрава исхрана

Редовно поткаснувате слатки задоволства затоа што не можете да го контролирате својот апетит? Ја претпочитате брзата калорична храна пред овошјето и зеленчукот? Започнете да вежбате наутро и најверојатно ќе ја промените и исхраната.

Физичката активност ослободува ендорфини кои ве прават позадоволни и посреќни, па нема да има потреба да барате задоволство во храната. Истовремено, поквалитетниот сон во текот на ноќта придонесува за одржување на хормоналниот баланс кој помага во контролирањето на апетитот. Истражувањата покажуваат дека лицата кои вежбаат наутро не само што јадат помалку во текот на денот, туку и избираат поздрава храна. Нема да сакате да ги фрлите своите напори во вода само за да каснете парче повеќе од вкусната пица, зарем не?


Поостар ум

Можеби мислите дека кафето е најдобриот начин за будење на мозокот наутро, но она што навистина му е потребно е кислород кој ќе му го дадете преку вежбањето.

Всушност, остриот ум е една од придобивките кои ни ги дава физичката активност, а ефектот трае 4-10 часа по завршувањето на тренингот. Вежбањето наутро ќе ви овозможи да ги искористите максимално часовите кога вашиот мозок работи најактивно. Наутро не трчајте по кафето, туку вовлечете се во спортската опрема и размрдајте се.

Поголема продуктивност на работното место

Постојано барате начини како да бидете попродуктивни на работа? Започнете да вежбате веднаш штом ќе станете од креветот.

Тренирањето пред да се упатите кон канцеларијата не само што го намалува нивото на стрес, туку води и до поголема продуктивност. Истражувањата покажуваат дека физичката активност ја подобрува способноста за извршување на умствени задачи и го подобрува памтењето.

Поголема среќа и чувство на исполнетост

Во потрага сте по магичен рецепт кој ќе ве направи посреќни? Инвестирајте неколку минути за вежбање наутро и ќе си го подобрите расположението во текот на целиот ден.

Физичките вежби релаксираат и го поттикнуваат мозокот да произведува ендорфини, хормони заслужни за доброто расположение. Луѓето кои вежбаат најмалку 30 минути наутро како награда добиваат насмевка на лицето до крајот на денот. Ако го додадеме и чувството на исполнетост и задоволство кое се појавува поради фактот дека сте направиле нешто добро за себе, ќе ја добиете комплетната слика на придобивките од утринското вежбање.