Спиењето за време на бременоста

Објавено на 15 Септември, 2016 во iDream магазин

Спиењето во бременоста е една од работите кои можат да бидат проблематични. За тоа може да има повеќе причини: мачнини, киселини, болки во грбот, грчеви во нозете, плиток здив, потешкотија да пронајдете удобна позиција како што ќе расте стомакот, честа посета на бањата, грижите околу бременоста, породувањето итн.

Заради засилената работа на телото и промените на хормоните во првото тромесечие многу жени спијат повеќе од претходно. Тоа е совршено нормално и гледајте да си го обезбедите потребниот сон. Позиција за спиење

Имајте в предвид дека во бременоста треба да се спие на лева страна, на тој начин крвта најлесно ќе циркулира до матката, а со тоа и ќе има непречен довод на кислород и хранливи материи за бебето.

Спиењето на грб и на стомак е нешто што треба да се избегнува во бременоста. Кога спиете на грб тежината на матката паѓа врз кичмата, цревата и ја попречува циркулацијата во големите крвни садови. Ова може да предизвика: болки во грбот, потешкотии со дишењето и обработката на храна, хемороиди, низок крвен притисок, нарушување на циркулацијата на крвта до срцето и снабдувањето со крв на матката и бебето.

Спиењето на лева страна пак ќе ја олесни циркулацијата, а со тоа и снабдувањето на бебето со потребните хранливи материи и исфрлањето на штетните материи преку вашите бубрези.

Многу жени се навикнати да спијат на грб или на стомак и привикнувањето на спиење на лева страна може да биде малку тешко. Секако дека нема да ви биде удобно да спиете на една страна, можете да се свртите и на десната, но гледајте поголемиот дел од спиењето сепак да биде на левата.

За да си го направите спиењето поудобно земете перници. Свиткајте ги колената и ставете перница меѓу нив. Кога стомакот ќе ви биде поголем, ако имате потешкотии можете за да го потпрете да ставите перница и под него, зад грбот итн. Постојат посебни перници наменети за бремени жени, кои покасно ќе може да ви послужат и при доењето. Но ќе ви послужат и обични перници, само разместете ги онака како што вам ќе ви биде удобно. Други совети

Maternity-Pillow-Sale-Online-Australia Ако не можете да спиете од киселини во текот на ноќта обидете се со следното:

Последниот голем оброк нека ви биде неколку часа пред легнување. За да ги избегнете мачнините пред да си легнете изедете неколку крекери. Избегнувајте навечер да јадете зачинета и кисела храна. Избгнувајте ги навечер оние работи за кои сте приметиле дека ви предизвикуваат киселини. Ставете повисока перница под главата, ако горниот дел од телото ви е подигнат киселините ќе се намалат.

Еве уште некои совети кои можат да ви помогнат да се изборите со несоницата:

*Ако кога ќе си легнете не можете да заспиете и по 20-30 минути, станете, прошетајте, опуштете се со музика, некое списание и сл., а кога ќе почувствувате дремка повторно вратете се во кревет. *Во бременоста треба да пиете големи количини течности, но можете непосредно пред легнување да пиете помалку, ако честите посети на бањата не ви дозволуваат да спиете. Сепак имајте впредвид дека течностите се неопходни. *Намалете ја количината на кофеин, не само што може да предизвика несоница туку поголеми количини на кофеин можат да бидат штетни во бременоста. *Вежбањето во бременоста е важно, не нека не биде пред легнување. Дајте му време на вашето тело да се смири. Ако вежбате нека биде тоа неколку часа пред да си легнете. *Направете си смирувачка рутина пред легнување, на пример слушање музика, читање, туширење и сл. *Затемнете ја собата каде што спиете и колку можете изолирајте ја вревата. *Обидете се грижите да не ги носите во кревет. Ако треба направете список на обврските и заборавете на нив. *На многу жени им помага дремнувањето во текот на денот. Така нема да бидете премногу уморни навечер, но не претерувајте со должината на дневното преспивање, за да не ви биде пречка да спиете ноќе.