Неколку знаци кои укажуваат дека ви недостасува сон

Колку се грижите за вашиот сон?

Објавено на 01 Ноември, 2018 во iDream магазин

Квалитетниот сон е многу важен за правилно функционирање на мозокот, и воопшто за здравјето. Во зависност од возраста зависи и колку часа сон ни се потребни за квалитетен и убав сон. Според истражувањата, кај возрасните луѓе  се потребни 7-8 часа спиење во текот на една ноќ, меѓутоа не секогаш го почитуваме и практикуваме истово ова правило.

Доста често знаеме да останеме будни до доцни часови во ноќта пишувајќи на социјалните мрежи со нашите пријатели, гледајќи го омилениот филм и ред други работи, со што се лишуваме од квалитетниот сон кој е од големо значење за правилно функционирање на нашиот организам.

Во продолжение ви набројуваме неколку знаци кои укажуваат на тоа дека на вашето тело му недостасува спиење:

1. Реагирате непромислено

Кога вие сте уморни и ненаспани може да се случи да реагирате импулсивно без размислување.На пример, би можеле да се налутите на некого без причина, да кажете работи за кои после ќе се каете или пак дури и може да направите погрешен избор на храна.

2. Расеани сте и заборавате

Ви се случува да заборавате каде ги оставате вашите работи? Не можете да се сетите на едноставни работи, како на пример што сте правеле претходниот викенд?

Треба да знаете дека недостатокот од сон може негативно да се одрази врз нашата меморија. Тоа е така затоа што кога сме ненаспани немаме доволно концентрација за да можеме да ги забележиме и меморираме работите што се случуваат околу нас.

Од друга страна пак,квалитетниот сон му помага на нервниот систем да се освежи и одржи здрав.

3. Имате проблем при донесување на одлуки

Донесувањето на одлуки кога сте ненаспани понекогаш претставува проблем. Може да се случи дури и за наједноставните работи да неможете да најдете решение.

4. Склони сте на разболувања

Додека спиеме,нашиот имунолошки систем создава протеини- цитокини, кои му помагаат на телото да се бори против инфекции и воспаленија.Ако не спиете доволно, количеството на овие протеини може да се намали со што ќе доведе до намалување на имунитетот, а со тоа станувате посклони на инфекции.

Кога сте уморни, организмот не е во состојба ефективно да се одбрани од бактерии и вируси.

5. Промени на кожата

Неквалитетниот сон е поврзан и со хроничните нарушувања на кожата.Кога не спиеме доволно телото лачи повеќе од хормонот кортизол.Високото ниво на кортизол го зголемува стресот, но може да предизвика и воспаление во телото кое пак има влијание на квалитетот на кожата.Постои можност да настане распаѓање на колагенот и хијалуронската киселина, кои пак и даваат сјај на кожата.

6. Несмасни сте

Кога ние сме уморни и ни фали доза квалитетен сон, се однесуваме несмасно, односно често ни паѓаат работи од рацете, го губиме фокусот и вниманието и сме доста несконцентрирани.

Квалитетниот сон е клучен за добро ментално, физичко и психичко здравје. Со самото тоа што ќе спиете 8 часа секоја вечер, можете навистина да го промените вашиот живот на подобро.Затоа,направете го спиењето приоритет, вашето тело ќе ви биде благодарно!