Домат - Господар на македонската трпеза

Првично култивиран од Ацтеките, кои го именувале„xitomatl“име кое подоцна преминало во „tomatl“што во буквален превод значи „овошјето кое набабрува“ преку шпанските колонии тој е пренесен во Европа и низ светот.

Објавено на 06 Јули, 2017 во iDream магазин

Оттогаш наваму тој е одгледуван и конзумиран насекаде низ светот без разлика на неговата форма, како свеж, како состојка на некој сос или јадење па дури и пијалок. И сето тоа со право, бидејќи доматот е вкусен и здравствено бескрајно вреден.

Зошто домат?
Ниската калорична вредност во комбинација со високите вредности на анти-оксидансните материи вклучувајќи го и ликопенот го прават овој продукт едноставно перфектен и интересно е тоа што тој дава повеќе здравствени бенефити отколку јаболкото.

Имено ликопенот е витален анти-оксиданс кој не се создава во човековиот организам, па тој мора да се внесува преку исхраната за да се искористуваат неговите анти-оксиндансни моќи.

Доматот е буквално пренатрупан со оваа супстанца од каде потекнува и неговата црвена боја и со тоа помага организмот да се бори против слободните радикали. Тој е исто така богат и со други есенцијални супстанци како витамин А, бета-каротен, ксантин и лутеин, добра доза на витамин C како и калиум наспроти ниските вредности на натриум.

Целата оваа комбинација и извор на анти-оксидансни материи и витамини помага во превенција на рак на простата, рак на грлото на матката, рак на дебелото црево како и малигни формации во устата, грлото и хранопроводот. Исто така доматот помага и во спречувањето на понатамошното ширење на веќе настанатите несакани состојби.

Tој помага и во превенцијата на срцевите заболувања, го намалува холестеролот во крвта, а новите истражувања покажуваат дека внесувањето на овој продукт може да го намали ризикот од макуларна дегенерација односно старосното губење на видот.

Каков домат?
Горе доле, не е важно. Покрај тоа што доматот е подеднакво богат со сите негови состојки во неговата свежа форма интересно е тоа што вредностите на ликопенот растат со неговата термичка обработка спротивно на мислењата дека тие се уништуваат. Тоа значи: конзумирајте домат, доматно пире, кечап и сите останати доматни форми (bloody marry помалку) што повеќе за поздрав живот.

Потребни се околу 500ml на доматен џус на ден за да се добијат бенефитите од ликопенот, а тоа значи дека една чаша на ден или редовното конзумирање на ова феноменално овошје има огромен потенцијал да не направат поздрави.